Friday, January 10, 2014

Кон “Mo’ Meta Blues” – мемоарите на Ahmir “Questlove” Thompson рецензија на Петар Хаџиев



Во првиот гостински пост на Ескалиер имаме еден одличен есеј напишан од Петар Хаџиев преку кој ни ги пренесува неговите импресии од книгата “Mo’ Meta Blues” на фронтменот на хип-хоп составот "The Roots" Амир "Questlove" Томпсон. 

Ahmir “Questlove” Thompson e роден во Филаделфија и е познат по својата работа како продуцент, диџеј, музички критичар, но пред се како тапанар и основач на легендарниот хип-хоп бенд The Roots. Носител на најпознатото афро моментално. Неговото музичко творештво и познавање го сместува меѓу поважните ликови за развојот на хип-хоп културата. Тој е, пред се, еден креативец кој се има посветено себеси на музиката. Ова беше доволно да ме заинтересира да ја прочитам неговата биографска книга. 
“When I really like something, I tend to never listen to it again. I want to remember the feeling even more than I want to remember the music. If you get that record back out, you risk learning that it’s not as good in reality as it is inside of you. Better to have the memory than to go back and have to adjust your truth. And even if it is every bit as good, you’re just going to deconstruct it, like this. You’re going to use your brain instead of your feelings. As you get older, feelings are hard to come by.”

  • -Rich Nichols, долгогодишниот менаџер на The Roots и еден од „гласовите“ во книгата. 
Книга во која Questlove, со помош од своите пријатели – книжевниот уредник на книгата и менаџерот Rich Nichols (секој од нив со посебен „глас“), ја раскажува својата животна приказна. Како дете на музичари, уште од три години свири на тапани, а исто така од таа возраст почнува и да се интересира за музички изданија. На начин својствен за себе, преку врзување на сеќавањата за плочи, а подоцна и касети и дискови, се навраќа на своето детство и адолесценција, почетоците и понатамошниот успех на неговиот бенд The Roots, продукциската работа со голем број музичари, светската слава и угледот кај музичките критичари кои го уживаат The Roots, како и нивната музичка резиденција во шоуто на Jimmy Fallon. Исто така, раскажува за творештвото во колективот Soulquarians (во кој меѓу другите членови биле и J Dilla, Erykah Badu, Common, D’Angelo и други) и нивното создавање на нов жанр во музиката – neosoul
Читајќи ја оваа книга ќе сакате да се нурнете во морето од музичко богатство што Questlove го сервира, а на крајот од секое поглавје е сублимирано во рубриката “Quest Loves Records”. Ќе дознаете за неговата опсесија со Prince, изненадувачките симпатии кон бендот KISS, инспирацијата што ја црпел од негови современици како De La Soul и A Tribe Called Quest, како и познавањето на огромен број на фанк, соул, диско, рок и хип-хоп изведувачи. Доколку сте ги слушале албумите на The Roots, оваа книга ќе служи како потсетување на сите моменти поминати со нив, а во спротивен случај – ќе ве натера да посакате да ги додадете во својата музичка колекција. 
Би ја препорачал на секој искрен љубител на музиката, без разлика дали е или не е вљубен во хип-хопот (како мене). Се чита навистина лесно и брзо. Читајќи ја книгата ќе се најдете во ситуација каде се враќате на одредени делови затоа што едноставно зрачат од љубов и топлина спрема музиката. По завршувањето на книгата бев малку тажен затоа што заврши, а ниту едно наредно нејзино читање нема да ме натера да се чувствувам на истиот начин како кога ја читав за прв пат, но од друга страна се почувствував далеку побогат од аспект на моето музичко образование и почнав да ја ценам музиката на малку поинаков начин од претходно.

Оценка: 9/10

ПС. Сликите на крајот од книгата се шлагот на тортата, а особено интересна е и одјавата – во стилот на одјавите што Questlove ги прави за секој албум на The Roots. 
ППС. На линков има дел од албумите кои што се содржани во рубриката “Quest Loves Records”: https://myspace.com/discover/editorial/2013/7/2/bookmarked-the-50-records-that-made-questlove-according-to-mo-meta-blues

Несомено е дека првите импресии од преслушувањето на нова музика или пак читањето на нова книга се најсилни, идилични, меѓутоа за да создадеме лични класики кои ќе бидат темел на нашиот индивидуален карактер треба да се навратиме на многу книги и албуми. Понекогаш се навраќаме трагајќи по првичниот позитивен впечаток. Понекогаш можеби првиот впечаток не бил толку добар меѓутоа сметаме дека има нешто што ни проникнало. Исто така многу книги се убави на различен начин доколку ги прочитаме во различен дел од нашиот живот. Затоа сметам дека за да создадеме лични класици треба да се навратиме на многу книги и тоа е тема на некој следен пост.

No comments:

Post a Comment